Врв Кадиица

Планината Влаина припаѓа во групата средновисоки планини. Се протега по должината на границата со Бугарија, од нејзината северна страна од превалот Црна Скала, која претставува и граница со Осоговските Планини. Кон југоисток, во потег од 40 km, се издигнуваат некоклу карактеристични врвови како Острец, Китка, Обел и Кадиица.

Планинските падини се стрмни, особено на западната страна, над 1.200 m височина. Највисок врв е Кадиица, со 1.932 m, а во неговото подножје е изворот на Пехчевска Река. Врвовите, како и самото планинско било (долго 15 km), се заоблени, слабо изразени и оголени. Сепак, од нив се протега широк видик кон Малешевско-пијанечката Котлина на запад, кон Осоговските Планини на север, а особено спектакуларен е погледот кон планините Рила и Пирин, како и кон Благоевградската Котлина на исток во Република Бугарија.

Поради прекрасниот видик, Кадиица е честа маршрута на планинарите и љубителите на природата. Пониските делови изобилуваат со шуми, а повисоките се прекриени со ниска вегетација и планински пасишта, како и разновидни лековити билки и диви шумски плодови (бобинки, печурки и сл).